Ова го соопшти министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на конференција по повод 100 дена нова Влада

„Првичните анализи од терен покажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалени во просек од 5 до 10%, при што кај некои производи намалувањето е помало или воопшто го нема“, вели Дурмиши.

Како што информираше, кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот.

„Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите“, посочи Дурмиши.

Со тоа, како што кажа, едно четиричлено семејство, на месечно ниво би имало заштедата од 690 ден до 1,360 денари во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавуваат производите.

Дурмиши вели дека доколку не се пристапело кон мерката, стапката на инфлација ќе била повисока од 2,6 проценти, а ќе растеа и цените на прехранбените производи.

Така, по есенската, во наредниот период ќе има божиќна, рамазанска, велигденска кошница.

Тој потсети дека во услови на зголемени цени на храната ја иницирале акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“. Со есенската потрошувачка кошница, во трговијата и на големо и на мало маржите се ограничени на 10 проценти, а опфатени се 73 основни прехранбени производи. На тоа, претходеше намалувањето на маржата за училишниот прибор, со што се намалија трошоците за домаќинствата, посебно за оние кои имаат ученици, смета Дурмиши.

Исто така посочи и на Законот за нефер трговски практики.

„Стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2.500 прехранбени производи, од што очекуваме дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец“, вели Дурмиши.