Министерството за економија и труд со реорганизацијата на институциите имаше најмногу промени во надлежностите, но и и покрај овој голем предизвик во изминатите 100 дена бевме посветени на поддршката на бизнисите и домаќинствата, и на заштитата на животниот стандард на граѓаните, кажа министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на трибината: Платформа:100% посветени на тебе на тема “Проекти, инвестиции и реформи во економијата, финансии и јавна администрација“
Дурмиши кажа дека министерството го затекнал во состојба на целосна дисфункционалност, но изминатите три месеци посветено работел на зајакнување на капацитетите за работа, како и приоритетите кои ќе ни бидат во иднина.
Уште на почетокот во првиот месец од моето раководење со министерството веднаш пристапивме со објавување на Јавните повици од Програмите на Министерството кои не беа објавени, финансиска поддршка која бизнисот ја очекуваше половина година. Со Ребалансот на Буџетот имавме на располагање 120.000.000 денари за две програми: Програмата за поддршка наконкурентноста на преработувачката индустрија и општествената одговорност и Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија. Беа објавени повици за финансиска поддршка на мали и средни компании за зголемување на нивната конкуретност, за воведување на нови производи, за развој на малите и средни компании, за занаетчиите, за воведување на ХАЛАЛ, за набавка на машини…итн. Можеби овие средства не се доволни за сите потреби, но значат многу за микро, малите и средни компании, кажа Дурмиши и информираше дека веќе следната недела ќе почне и со потпишување на договорите за субвенционирање и исплата на средствата за дел од мерките.
Во меѓувреме ја завршивме целата постапка и техничка документација и ја предадовме употребната дозвола за работа на германската компанија Киел во индустриската зона во Тетово, инвестиција која ќе отвори 300 работни места во Полошкиот регион. Нашата посветеност за поддршка на бизнисот и на растот на инвестициите ќе продолжи и понатаму. Во наредниот период до Владата ќе доставиме предлог за измена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои надлежноста за објавување на јавниот повик како и за исплата на средствата согласно овој Закон ќе се префрли целосно во Министерството за економија и труд.“ кажа Дурмиши и потенцираше дека во наредниот период заедно со бизнис заедницата и со коморите ќе отвори и дијалог за подобрување на овој Закон, во насока, финансиската поддршка за фирмите да оди во вистинските раце, кај оние компании кои ќе покажат раст и развој.
“Но, додека од една страна спроведувавме мерки за поддршка на бизнисот, во исто време бевме соочени со зголемување на цените на мало. Во таа насока, прво донесовме одлука за замрзнување на маржите за училишниот прибор со што им излеговме во пресрет на домаќинствата кои имаат ученици со намалување на нивните трошоци за оваа намена, и секако во пресрет на почетокот на академската година со оваа мерка излеговме и во пресрет на студентите за трошоци за потребниот школски прибор. Но, не застанавме тука. Во услови на зголемени цени на храната, за да им излеземе во пресрет на граѓаните започнавме една акција, за која што можеме да сведочиме дека е поздравена позитивно од страна на граѓаните, а тоа е „Помалку трошоци – повеќе за вас“. Ја објавивме Есенската потрошувачка кошница и ги ограничивме маржите на 10% и во трговијата на големо и во трговијата на мало на 73 групи на основни прехранбени производи, нешто што е многу важно за сите домаќинства. Оваа мерка ќе продолжи и во наредниот период како божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница, се со цел да им излеземе во пресрет ан граѓаните пред празниците кога има зголемување на цените на основните прехранбени производи“ кажа министерот.
Според анализите на Министерството за економија и труд, како што кажа Дурмиши, првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема (како на пр. лебот, маслото за јадење и млекото), додека кај други производи истото е значително поголемо (на пр. месо, зеленчук и млечни производи (сирење и кашкавал).
“Се очекува намалувањето на цените да биде уште поголемо имајќи го во предвид и намалувањето на цените во трговијата на големо, кое допрва треба да се случи во наредните пратки, при достава на производите во маркетите. Искажано во заштеда во пари за едно четворочлено семејство, на месечно ниво заштедата би изнесувала од 690 ден до 1360 ден по семејство, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавува истата. Во оваа насока е важно да се каже дека стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат рабатот и дополнителните трошоци за над 2500 прехранбени производи, од што очекуваме дополнително намалување на цените на храната до крајот на овој месец“ додаде министерот.
Министерот кажа дека во делот на трудот како нова надлежност која ја преземавме сакам да кажам дека минатата недела се одржа првата седница на Економско социјалниот совет во новиот состав.
„Во рамки на Економско социјалниот совет ќе носиме заеднички одлуки и мерки кои ќе имаат главна цел да се подобри животниот стандард на граѓаните. Проблемите на пазарот на труд остануваат клучен предизвик за нас како Министерство за економија и труд во наредниот период.
Во наредниот период заедно со Агенцијата за вработување ќе креираме мерки кои ќе придонесат решавање на проблемот со невработеноста, како и проблемот со недостаток на стручен кадар кој му е неопходен на бизнисот“ кажа Дурмиши.