Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска во Охрид изјави дека досега целосно се обработени само 12 проценти за кои се подготвени пријави а околу 55 насто од сите „бомби“ воопшто не се обработувани. Тие ќе бидат дел од задачите на СЈО по средината на септември.
„Мора да разберете дека тука има прислушувани разговори на многу новинари, разговори на повеќе јазици, тоа е дел што воопшто не е започнат да се работи, на нив ќе се работи после 15 септември“, рече Јанева во Охрид.
Таа очекува повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО да завршат со обвиненија. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт, но во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавни обвинителни одлуки, порача денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Јанева која денеска во Охрид одржа предавање пред учесниците на Школата за природно право во Охрид, изрази уверување дека Судот соодветно ќе ги третира доказите на СЈО а очекува судиите да ги потврдат обвиненијата, со цел истите да најдат судска разрешница.
Таа вели дека мандатот на СЈО е четири години со право на продолжување една година за обвинителите, најавувајќи дека ќе продолжи нивната работа за обработка на сите доставени разговори од незаконското прислушување.
– Што се однесува на рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема, се надевам дека ќе биде изнајдено решение во најбрз можен рок, а очекувајте дека и во наредниот период ќе отвараме истраги за други прислушувани разговори што имаат криминални материјали, рече Јанева.