Државата ќе пресметува колку пари му требаат на едно семејство за основната живеачка

Не Синдикатот, туку државата отсега ќе пресметува колку пари треба да потроши тричлено семејство за да ги покрие основните потреби. Пресметката од сега ќе се вика „просечна потрошувачка кошничка“, наместо минимална како до сега. Што точно содржи засега не се знае. Место во кошницата ќе нема за некои артикли како претходно, како што се цигарите, алкохолот, вонсезонското овошје, како и одмор во странство. Тоа, според заменик-министерот за економија и труд било луксуз.

  • Сигурно нема да се користи во пресметките акцизна стока како што се алкохол, цигари, летување во странство и така натаму, бидејќи тоа го сметаме за луксуз. Или пак, овошја коишто не се карактеристични за одредена сезона во годината. Сето ќе биде врз база на релевантни податоци од цените од релевантни производи коишто се користат сезонски, меѓутоа и податоци земени од повеќе маркети. Ниту ни служи за креирање на јавно мислење, ниту за политика, туку за нас да ни даде насока како во иднина ќе ги спроведуваме сите економски политики во заштита на стандардот на граѓаните на Република Македонија“, рече Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд.

Кошничката ќе биде разгледана на економско-социјалниот совет и таму треба да добие зелено светло од синдикатите и работодавачите. Во меѓувреме, до крајот на овој месец важат замрзнатите цени и ограничените маржи на над илјада производи. Мерките дадоа резултат и ја зауздаа инфлацијата. Дел од маркетите кои не ја почитувале одлуката се соочуваат со високи парични казни, а за поголеми прекршоци може да добијат и клуч на врата.