Администрацијата на Трамп го отпушта персоналот на УСАИД на глобално ниво во драматична ревизија на Американската помош за светот, јавуваат светските медиуми утрово.
Зградата на УСАИД во Вашингтон е затворена за вработените откако беше издаден меморандум со кој се советува персоналот на агенцијата да работи од дома.
Американските власти утрово објавија дека ќе ги пушти на одмор сите директно ангажирани вработени во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) на глобално ниво и ќе отповика илјадници вработени кои работат во странство.
„Во петок, 7 февруари 2025 година, во 23:59 часот (EST) целиот персонал на УСАИД со директно ангажирање ќе биде ставен на административно отсуство на глобално ниво“, се вели во соопштението на веб-страницата на УСАИД, која не работи од викендот.
Некои луѓе од персоналот „одговорни за клучните функции за мисијата, основните лидери и специјално одредени програми“ се исклучени од наредбата, се вели во извештајот.
Работната сила на УСАИД изнесува повеќе од 10.000 лица, со околу две третини од тој персонал кои служат во странство, според Конгресната служба за истражување (ЦРС).
Агенцијата има повеќе од 60 земји и регионални мисии.
За персоналот на УСАИД во странство, Вашингтон подготвуваше план во координација со Стејт департментот и ќе плати за враќањето на персоналот во Соединетите држави во рок од 30 дена, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека раководството на УСАИД ќе ги разгледа исклучоците од случај до случај врз основа на лични тешкотии или загриженост за мобилноста и безбедноста.
„Ви благодариме за услугата“, се вели во објавата.
Шокантната ревизија на работата на УСАИД, доаѓа откако претседателот Доналд Трамп го спои УСАИД, главната развојна и хуманитарна агенција на Вашингтон која дистрибуира помош вредна милијарди долари во странство, со Стејт департментот и ефективно ја згасна агенцијата како независен ентитет.
Во понеделникот, државниот секретар Марко Рубио им рече на новинарите дека сега е вршител на должноста шеф на УСАИД, нарекувајќи ја агенцијата „целосно неодговорна“ и обвинувајќи го персоналот таму дека „не сака да одговори на едноставни прашања“ за програмите.
Тој во писмо го информира Конгресот за претстојната реорганизација на агенцијата, велејќи дека некои делови од УСАИД може да бидат апсорбирани од Стејт департментот, а останатите да бидат укинати.
Но, бидејќи Конгресот ја основа УСАИД како независен естаблишмент во рамките на извршната власт, претседателот нема овластување да го укине без овластување од Конгресот, според извештајот на ЦРС оваа недела.
Стотици програми на УСАИД кои покриваат приграми ширум светот беа запрени откако Трамп на 20 јануари нареди замрзнување на поголемиот дел од американска странска помош, велејќи дека сака да се погрижи таа да биде усогласена со неговата политика „Америка на прво место“.
Тој го задолжи милијардерот Илон Маск, кој ја обвини УСАИД дека е „криминална“ организација, да ги намали операциите на агенцијата.
Соопштението на веб-страницата на УСАИД излезе на интернет неколку часа откако на официјалните лица на Стејт департментот им беше кажано од Питер Мароко, назначен од Трамп, кој во понеделникот беше задолжен да ги надгледува операциите на агенцијата, дека целиот персонал на УСАИД и нивните семејства треба да бидат отповикани, велат изворите.
Новата објава од УСАИД се случува по две недели хаос во агенцијата, каде што десетици вработени во седиштето во во Вашингтон беа пуштени на одмор, а стотици таканаречени контрактори беа отпуштени.
Партнерите имплементатори на УСАИД се соочуваат со финансиски проблеми поради наредбите за прекин на работата од Стејт департментот.
Според Ројтерс во фискалната 2023 година, Соединетите држави исплатиле 72 милијарди долари помош ширум светот за сè, од здравјето на жените во конфликтните зони до пристапот до чиста вода, третманите за ХИВ/СИДА, енергетската безбедност и антикорупциската работа.
Финансирањето кое помалку од 1% од вкупниот буџет на Соединетите држави, е од суштинско значење во напорите на Вашингтон да изгради сојузи низ целиот свет, да ја зајакне својата дипломатија и да се спротивстави на влијанието на противниците како Кина и Русија во светот во развој, пишува агенцијата Ројтерс.
Во соопштението на УСАИД се додава дека основниот персонал кој се очекува да продолжи со работа ќе биде информиран од раководството на Агенцијата до четврток, 6 февруари, во 15:00 часот.
Според човек од тимот Трамп Македонија била киднапирана од УСАИД и левичарски организации
Сериозни индиции од Вашингтон
Во Западниот Балкан УСАИД само од 2020 имплементирала 1,7 милјарди долари а во Македонија 290 милиони.
Колку пари потрошила УСАИД во Македонија и регионот од 2020 година