Во втората половина на мај или почетокот на јуни ќе бидат познати имињата за кандидатите за градоначалници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вели дека општинските комитети и коалициските партнери во рамки на, како што рече, внатрепартиска и демократска процедура добиле порака да се пријави секој што смета дека има амбиција, програма, визија и платформа за да води некоја од општините.
„Да се пријави секој што цени дека може да додаде вредност и ќе биде вклучен во мерењата. Тоа е еден партиски и коалициски механизам што ние го имаме, во мерењата помеѓу граѓаните, во средината во која поединецот има амбиција и, откако ќе ги сублимираме резултатите, тогаш ќе излеземе во јавноста со имиња“, рече Мицкоски.
Министерот Перински рече дека амбицијата и желбата да биде кандидат за градоначалник на Скопје на локалните избори му ја соопштил на претседателот на партијата.
Тој вели дека најважно е во рамки на органите на партијата на транспарентен и, како што рече, „кристално чист начин да се избере најсоодветното решение“.
„Извесно е дека тој ќе биде и победникот. Сметам дека можам да одговорам на предизвикот затоа што имам визија, имам план како Скопје конечно да стане европска метропола, но, секако, таа одлука ќе ја оставам на претседателот и на извршните тела на партијата. Јас сум убеден дека кој и да биде кандидатот, ќе биде едногласно поддржан од сите нас“, додаде Перински.