До кога ќе се паркира кај ќе се стигне без грам одговорност?!

Засилени инспекциски контроли на терен и казни за несовесните граѓани и за фирмите што ја нарушуваат хигиената на јавните површини, се паркираат на плочници и тревници и фрлаат отпад на места што не се предвидени за таа намена, најави заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, пренесе Слободен Печат.

Тој, заедно со општински инспектори деновиве направи обиколка на неколку критични локации во општината и тоа што го видоа очигледно не им се допадна – несовесно паркирани возила, чии сопственици, како што информираа ќе добијат казни какви што им следуваат.

Притоа, Митевски, кој до неодамна, до престанокот на градоначалничката функција на сегашниот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, беше претседател на Советот и би требало да ги знае сите проблеми во општината, на „обиколката“ бил информиран за реонската распореденост на инспекторите и редарите, како и за нивните дежурства за време на викендите. Од Општината соопштија дека притоа заменик-градоначалникот најавил „зајакнување на соработката со полицијата, особено во делот на добивање информации за лицата што вршат прекршоци, а со цел навремена реакција на терен“.

Во однос на нехигиената на јавните површини низ Аеродром, се планира да се пушти во функција општинско товарно возило што ќе се вклучи во собирање и транспорт на кабастиот отпад од одредени локации. За сето ова, граѓаните ќе бидат навреме известени, по што ќе можат за симболична сума да ја добиваат и оваа услуга.

Митески најави и изнаоѓање начин за справување со запуштените приватни имоти кои со години не се одржувани од сопствениците, со што би се ставил ред на голем број локации што сега се обраснати со висока трева или претставуваат мини депонии. Општината и натаму останува во служба на граѓаните, затоа што само на тој начин можеме да имаме здрава и чиста животна средина – информираа од Аеродром на Фејсбук.

Но, аеродромци одамна не им веруваат толку лесно на ветувањата што им стигнуваат од општинските раководства, па реагираа на најавата за засилени инспекции и за подобрување на јавната хигиена со критика, но и поддршка, како и со наведување на повеќе проблеми со кои секојдневно се соочуваат. Повќе на Слободен Печат.