Редно е македонската јавност да слушне објаснувања, а веројатно и извинувања, од актерите на една многу грда приказна од нашата понова политичка историја, за која до скоро се шепотеше со половина уста, но сега веќе се зборува отворено и јавно. Во едно цивилизирано и демократско општество, какво што Македонија сака да биде, ваквите скандали мора да завршуваат со преземање морална, политичка, а кога е тоа неопходно и – законска одговорност.
Станува збор за тајната средба кај претседателот Стево Пендаровски, одржана во март 2023 година, на која шефот на државата, тогашниот премиер Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Бојан Маричиќ договарале како да го вратат осудениот и избеган поранешен премиер Никола Груевски од Унгарија во Македонија. Во својата последна објава, неделникот „Фокус“ ги именува и двајцата моќни западни амбасадори кои биле на средбата – американската амбасадорка Анџела Агелер и тогашниот амбасадор на Европската унија, Дејвид Гир.
Кога молкот зборуваше посилно од штурите изјави…
Јас за оваа средба прв пат пишував на 16 мај 2023 година:
„Наводно, кон крајот на април, за време на прославите на деновите на НАТО, на една средба ‘од нога’ меѓу луѓе од државниот врв, на претседателот Стево Пендаровски му било предложено да размисли за можноста Никола Груевски и некои други лица да бидат ‘амнестирани’, што би ‘помогнало’ во обезбедувањето на потребните гласови од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за изгласување на уставните измени“.
Во тој текст не ги соопштив имињата на другите присутни на средбата (одржана сепак во март, а не во април 2023 година), бидејќи немав потврда. Но, интересно е дека тогаш побарав и веднаш добив изјава од Груевски, кој рече:
„Немам информации за некакви притисоци било кому, ниту од некого сум барал такво нешто. Не се подготвувам за враќање во Македонија, од причина што политичкиот прогон на власта сѐ уште трае со ист интензитет како пред околу шест години. Никој не барал од мене да ослабнам нечии позиции за било кое прашање, ниту би прифатил некој да води таков тип на дискусија со мене“.
Освен партијата ДУИ, сите други лица инволвирани во оваа средба и во поширокиот план за враќање на Груевски во Македонија, тогаш ја одмолчаа оваа информација. Јас се повикав на неименувани извори, кои тврдеа дека Пендаровски енергично ја одбил таквата можност.
Втор пат за оваа средба пишував во напис во Плусинфо за битката на Зоран Заев со раководството на СДСМ. Написот беше објавен на 7 ноември 2023 година и во него, меѓу другото, се вели:
„Реакцијата на Заев несомнено значително ја ‘поскапела’ операцијата за враќање на Никола Груевски во земјата. Особено што таа доаѓа после еден сериозен гаф на првата неформална средба на која лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред претседателот Стево Пендаровски, пред премиерот Ковачевски и пред други лица и ја промовирал својата иницијатива за амнестија на Груевски и за негово враќање во земјата. Се зборува дека деталите од таа средба, на која присуствувале и двајца влијателни амбасадори на земји од Запад, протекле во политичките кулоари на еден несекојдневен и скандалозен начин. За своите сознанија за тој гаф, Плусинфо ќе ја извести јавноста кога ќе ги потврди деталите“.
„Фокус“ ги откри имињата на двајцата западни амбасадори
Капак на ова стави неделникот „Фокус“, во статија, во која, меѓу другото, се вели:
„На оваа средба, одржана лани во март, присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на два начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец. Додека траеле ‘тајните’ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеало да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Блерим Беџети, кој тогаш е дел од ‘огнената група’ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудио-снимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време ‘огнените’ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети. Откако Пендаровски одбива да го помилува Груевски, а Ковачевски на средба со Ентони Блинкен во САД вели дека без нивна помош не може да се истуркаат уставните измени, од амбасадата на САД излегува нон-пејпер, кој, меѓу другото, предвидува активирање делови од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не бил конкретно споменат, очигледно се алудирало на Груевски, поради кој практично се донесени измените на Кривичниот законик, со цел да се охрабри да почне да дејствува уште од Будимпешта. Меѓутоа, тој барал целосно чиста ситуација за да може да се врати во земјава, по што ДУИ почнува да ја турка амнестијата на Ѓорге Иванов преку Врховниот суд. Сепак, интегративците прават лоша проценка дека ќе придобијат доволен број врховни судии, па целата работа почнува да се компликува и да излегува од контрола и на крајот операцијата пропаѓа, а своја улога и придонес за тоа имале и Зоран Заев и Виктор Орбан…“
Присутните на средбата да дозволат да го видиме транскриптот
Што можеме да заклучиме од сите овие написи? Најмалку пет работи:
Прво, познати се имињата на сите учесници на средбата на која се разговарало за можното помилување или амнестија на Груевски и за неговото враќање во земјата. Никој од спомнатите досега не демантирал дека бил на средбата.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: