Владата повторно ја воведува ефтината струја која што ќе се компензира со поштедливо работење на компаниите кои што работат во бизниснот со струја.
Ефтината тарифа се враќа од први октомври а со неа граѓаните ќе можат да ја користат секој работен ден и сабота, од 14 до 16 часот.
Досега граѓаните имаа евтина струја секој работен ден од 22 до 7 и во неделите 24 часа.
Како што денеска кажаа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши владината мерка за подобрување на животниот стандард на граѓаните ќе чини 8 милиони евра годишно, а трошоците ќе се покриваат со домаќинско работење на енергетските компании.
„Сите чинители беа консултирани и од ЕВН добивме позитивен одговор за оваа мерка. Намалувањето на непродуктивните трошоци на ЕЛЕМ и МЕПСО, ќе доведе до заштеди кои ќе се наменат за ефтината тарифа на струјата, со еден збор домаќинското работење на овие државни компании, како и на ЕВН ќе овозможи спроведување на оваа владина мерка. Нема да даваме субвенции на ЕВН“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Според премиерот Зоран Заев воведувањето на дополнителни два часа евтина тарифа нема да доведе до зголемување на цената на струјата.
„Зголемувањето на цената на струјата зависи од берзанските цени. До 1 јули имаме загарантирана цена на електричната енергија, но не очекуваме ниту потоа тенденција на раст“, рече Заев.
Според анализите ако граѓаните ја користат евтината струја за вклучување на апаратите од домаќинството можат да заштедат околу една третина од трошоците за електрична енергија.
Парите што ќе ги загубат ЕВН, МЕПСО и ЕЛЕМ ќе бидат надокнадени со продуктивно работење. Владата денеска не најави дека за порентабилно работење ќе треба да се намалува бројот на работниците во овие компании.