Со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.
За измените на Законот гласаа пратениците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, на Вреди и на паријата ЗНАМ, како и пратеници на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ и Европскиот форнт синоќа објавија дека постигнале договор за поддршка за измените, како и за формирање на ад хок комисија во Собранието за правична застапеност.
Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ.
Во дискусијата, која во два наврати беше прекинувана со паузи од по еден час, на барање на пратеникот на Левица, Борислав Крмов.
Против донесување на Законот говореа пратениците од сега опозициската СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата не се прави реформа, туку дека таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција.
Според нив, законот се носи без претходна анализа и дебата и со него менува 31 член од актуелниот закон, а не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација од ваквото решение.
Носењето на измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа се вовед во формирањето нова влада меѓу коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ. Мандатарот Христијан Мицкоски, кој исто така е и предлагач на измените, најави дека нова влада би можело да биде формирана пред истекувањето на дваесетдневниот рок што започна да тече во четвртокот на 6 јуни.