Додик: Хојт Ји не дал оставка туку е избркан од Трамп

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека поранешниот помошник заменик државен секретар на САД Хојт Ји не поднел оставка од својата функција, туку напросто бил избркан од страна на претседателот Доналд Трамп.

Според Додик, кој инаку е познат како политичар без нималку влакна на јазикот и кој гради блиски односи со Русија, Хојт Ји ја лажел јавноста за да не го загуби кредибилитетот на моќен американски државен службеник.

„Тој не ја претставуваше политиката на новата американска администрација, туку на старата и затоа го загуби кредибилитетот во Стејт департментот. Тој сега нема никаков статус што се однесува до Стејт Департментот“ – рече Додик за српските медиуми.