Втора година по ред, Групацијата Лимак, преку иницијативата Global Engineer Girls (GEG) доделува 20 стипендии на девојки и млади жени кои студираат на електротехничките, машинските, градежните и факултетите за компјутерски и информатички науки на државните универзитети во земјава.
Студентките кои ќе учествуваат во втората година од програмата на GEG беа избрани на основа на нивните досегашни академски достигнувања и вклученоста во дополнителни активности. Притоа, повеќе од 180 кандидатки аплицираа на јавниот повик што беше објавен на почеток на февруари оваа година.
Покрај финансиска поддршка во форма на стипендии, Групацијата Лимак, преку GEG Macedonia, обезбедува и можности за практикантска работа, обуки за развој на дигитални и друг вид вештини, како и учество во менторска програма што ја спроведуваат искусни професионалци и бизнис лидери.
„Среќна сум што можам да им посакам добредојде на новите стипендистки и воедно да ѝ честитам на генерацијата 2023 за завршувањето на програмата Global Engineer Girls во Македонија. Се надевам дека преку знаењето и искуството кои ги пренесуваме на овие млади девојќи и жени, ќе ги охрабриме и дополнително ќе ги мотивираме да ги остварат своите соништа и да изградат успешна кариера во инжинерските професии и да заземат лидерски позиции, кои некогаш беа резервирани повеќе за мажите“, изјави Еда Јегиналтај-Курт, член на Управниот одбор на Лимак Скопје и на Фондацијата Лимак, која има повеќе од 30 години професионално искуство во градежната индустрија и е ментор во програмата на Global Engineer Girls Мacedonia.