Договорот со Македонија следната недела во бугарскиот парламент

Договорот за добрососедство со Македонија ќе оди на ратификација во Народното собрание на Бугарија следната недела, соопшти бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

„Го потпишавме договорот со Македонија и очекуваме тие да го ратификуваат. Беа во предизборна атмосфера. Ние ќе го внесеме сосем наскоро. Тој вторпат е во процедура на усогласување во министерствата. До следната седмица планираме да стигне пред Владата. Наредната недела ќе го внесеме за ратификација во Народното собрание и се надевам дека и тие ќе преминат кон ратификување, па да почнеме да го исполнуваме“, изјави шефицата на бугарската дипломатија пред пратениците од парламентарните комисии за надворешни работи и за европски прашања.

На дискусијата на тема „Европската интеграција, регионалната соработка и поврзаноста на Западен Балкан – придонес на бугарското претседателство“ Захариева повтори дека интеграцијата на соседните држави ќе биде приоритет на Бугарија кога ќе претседава со Советот на Европска унија во првата половина од наредната година.