Договорот со Бугарија ќе се ратификува по Нова година

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на денешната средба со бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Скопје соопшти дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, склучен на 1 август, во македонскиот Парламент ќе се ратификува во јануари.

Ратификацијата ја забавила оставката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, па ќе се чека Вонредниот конгрес на партијата на 22 и 23 декември во Валандово.


Јотова истакна дека „договорот со Бугарија не е обичен документ, туку спогодба од исклучително значење, која ќе ги деблокира меѓусебните односи во многу сектори“.

Џафери побара поддршка од Бугарија за време на нејзиното претседавање со Советот на Европска Унија за добивање датум за преговори за членство.