Договорот меѓу Македонија и Бугарија „мириса на сурова нафта“

 

Напорите на Скопје и Софија да го затворат својот конфликт не се само политички или билатерални туку имаат позадина која што е поврзана со други глобални игри и трендови, сметаат дел од бугарските експерти.

Договорот со Македонија „мириса на сурова нафта“, тврди поранешниот бугарски дипломат и аналитичар Бојан Чуков за бугарската национална телевизија на која го коментираше договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија.

Чуков смета дека договорот е позитивен чекор во правилна насока но во него има и нејасни формулации кои што можат да предизвикаат проблеми во иднина.

„За да се оцени договорот неопходно е да се постави и хронологијата на други настани вклучително и на ситуацијата во Катар“, коментира Чуков според кој целата ситуација со Македонија и потпишаниот договор се последица на геостратешките игри со енергетските коридори кои што минуваат низ Македонија.

Според него договорот е потпишан на инсистирање на САД чиј претседател при неговата посета на Европа понуди неговата земја да доставува гас на стариот континент и да ја замени Русија како главен добавувач на енергенси во ЕУ. Според бугарскиот екс дипломат главен конкурент на американскиот гас во Европа е Катар.

„Затоа беше нападнат Катар“, тврди Чуков според кого во Европа има 26 терминали каде плинот од течна агрегатна состојба се претвора во гас но тоа е за 30 % поскапа варијанта поради што Европската Унија ги продолжува договорите со руските енертгетски компании и гради нови коридори за нафтата и гасот кои пристигнуваат од Русија како Северен поток 2.

Соред Чуков со договорот Бугарија –  Македонија се создаваат услови за влез на официјално Скопје во НАТО со што САД ја елиминираат опасноста Русија и Катар да влијаат или да ги контролираат целосно  енергетските коридори кои минуваат преку Македонија и  Балканот.