Aко скршнете од патот накај Маврово, на 15 км нагоре по кривините или околу 120 км од Скопје, ќе стигнете во едно од најпознатите села, Галичник. Место, за кое со исконска сила се врзани сите кои се родени или водат потекло од Галичник, горди на своите корени, на неповторливите питоми и сурови убавини, митската сила, мудроста, достоинството и спокојството.
Планинското село, кое лежи на надморска височина од 1.150 до 1.450 метри, е убаво во сите годишни времиња од годината, а ги фасцинира посетителите и со својата автентична архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи.
Галичник го добил името според реката Галик, која тече близу Солун – тоа е едната легенда. Другата е дека потекнува од “дивите кокошки” – галици. Се смета дека селото е настанато уште во 10. и почетокот на 11. век, и е едно од најстарите села во мијачкиот предел.
Поради надморската височина и положбата, воздухот во Галичник е извонредно чист, а климата планинска како по книга – со свежи, пријатни лета и прилично снежни зими. Со право се вели дека Галичник е еден од најубавите и најатрактивни делови во Македонија и Балканот.
Секој што се напил изворска вода од десеттината чешми, го вдишал чистиот планински воздух, ги посетил црквите и етно музеите, ги пробал галичките специјалитети: овчи кашкавал, овчо сирење, овчо кисело млеко, бакрдан, печено јагнешко, свадбарско месо и ммногу други, станува редовен гостин. Притоа не само што ужива во сето она што му го овозможува Галичник, туку се запознава со богатото културно наследство, во кое ќе ги најдете и изворните патриотски, печалбарски лирски напеви: „Топан кога ќе удри Галичник се буди“, „Пак ќе го видите Галичник“, „Македонски Шварцвалд на Бистра“, „Тешкото – македонски непокор и пркос“…
Типот на галичката куќа, изникнат од суровиот пејзаж, по својот волумен и структура претставува специфична варијанта на планинска куќа од реканскиот крај. Некои објекти во селото Галичник имаат посебни вредности и значење, бидејќи се поврзани со животот и делото на видни македонски преродбеници.
Галичката свадба, која е најпознатата манифестација во Галичник, се одржува уште од 1963. година, и тоа на Петровден (втората недела од јули). За разлика од порано, кога на Петровден во Галичник се склопувале и по над 40 бракови, денес свадбата има повеќе културно значење и е пред сé е културна манифестација. На галичка свадба учествуваат парови кои имаат галичко потекло, или барем еден од нив.