Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, претпладнево ги објасни причините за протерувањето на рускиот дипломат од амбасадата на Руската федерација во Скопје.

Запрашан „за какво излегување од надлежностите на дипломатот“ се работи, Димитров на прес конференцијата со австриската колешка Карин Кнајсл рече дека одлуката била донесена по внимателно размислување и анализа прво, како знак на солидарност со Британија по случајот со труење на поранешен руски двоен агент и второ зашто протеранит излегол од мандатот.


„Се работи за обид за добивање сензитивни и класифицирани информации кои се однесуваат на безбедноста на Македонија…“

Тој додаде дека ќе има многу шпекулации околу името на протераниот дипломат, „но ние ќе се обидеме да се заштити неговото име“.

Министерот рече и дека понекогаш такви работи се случуваат и меѓу пријатели.

Неофицијално Expres.mk“ дознава дека дипломатот, во моментот кога била донесена одлука за негово протерување, присуствувал на културен настан во Охрид во придружбата на рускиот амбасадор  во Македонија, Олег Шчербак.

Дипломатот, наводно, не бил дел од разузнувачките структури туку службеник во амбасадата.

Од МНР синоќа соопштија дека Македонија се солидаризира со 19 земји што денеска решија да протераат руски дипломати како одговор на труењето со нервен агенс на двојниот руски шпион Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери, зад што сметаат дека стои Русија.

„Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година. Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, стои во соопштението на македонското Министерство за надворешни работи.

Вчера Руската амбасада во Скопје упати остра дипломатска порака откако официјално Скопје одлучи да протера руски дипломат,

„Целосната одговорност за последиците од оваа провокација и исклучително непријателски чин без преседан во руско-македонските односи ќе ја носи македонската страна.“