„Влегувањето на Македонија во ЕУ и НАТО мора да биде според пропишаните принципи и услови“ порача грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, по средбата со неговиот македонски колега Никола Димитров.
Коцијас истакна дека тие не се за менување на државни граници, туку за гарантирање на суверенитетот на земјите и нивните граѓани. Немаше конкретни изјави за натамошните чекори во решавање на спорот со името, а Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров посочи дека со гостинот зборувале и за ова прашање, во насока на тоа како би течел процесот на преговори.
Министрите ја повторија желбата за развивање на добрососедските односи и продлабочување на соработката во областа на економијата, безбедноста, ќе се работи и на инфраструктурата за гас, ќе има соработка меѓу универзитетите и едукација на младите. На новинарско прашање дали во плановите на Македонија е промена на имиња на аеродромот и автопатот, Димитров дипломатски одговори дека во фокусот им е европскиот пат на државата и оти ова им е само втора средба и за такви прашање се уште не може да даде конкретен одговор.
По средбата во МНР, грчката делегација на чело со Коѕиас ќе има средби и со премиерот Зоран Заев, но и со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, претседателот Ѓорге Иванов, како и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.