Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека процедурата за префрлање на средствата од заемот од унгарската Експорт-импорт банка е завршена и денеска се очекува да легнат на сметката на Народната банка.

„Секторот од МФ ме информираше дека сѐ е подготвено и очекувам средствата да бидат префрлени на сметката во Народната банка, а потоа ќе бидат насочени кон општините и компаниите. Проектите на општините кои ќе бидат финансирани од средствата се веќе избрани. Износот што го побараа општините за реализација на нивните проекти беше поголем, при што важно беше тие да бидат во завршна фаза за да може да придонесат и кон економскиот развој“, рече министерката во гостувањето во емисијата Заспиј ако можеш на ТВ Алфа.

Во однос на оној дел од заемот којшто е планиран за приватните компании, соопшти дека во петок ќе има средба со Македонската банкарска асоцијација на која ќе се разговара за распределба на средствата кон компаниите, кои ќе бидат распределени по завршување на постапката за нивно префрлање во Развојната банка.

Министерката најави дека веќе е започната процедурата за повлекување и на втората транша од заемот од Унгарија, а тие средства ќе се искористат за отплата на еврообврзницата која доспева во јанаури 2025 година.