Димитриевски: Недозволиво е во училиштата на албански јазик да нема една буква на кирилица или државно знаме

Коментирајќи го „перформансот“ во основното училиште во Челопек, кадешто деца во униформи на ОНА и со пушки-играчки в рацете го славеа Денот на албанското знаме, лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, посочи и други недозволиви состојби, според него, во образовните институции на јазикот на најголемото малцинство во Македонија.



„Недозволиво е во кое било основно или средно училиште кај што се учи на албански наставен јазик да нема една буква на кирилица, освен самата табла на којашто е напишано името на училиштето или да немате ниту едно македонско државно знаме во тој објект. И затоа ќе ви се случуваат преседани во кои деца со пластични, импровизирани пушки, во униформи на УЧК одбележуваат национални датуми. Притоа ние Македонците ја доживуваме УЧК како терористичка организација, којашто така ја нарече и тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, а Албанците ја доживуваат како симбол за борба за нивни права и за територии, како што беше најавувано тогаш. Мораме да се најдеме некаде на средина, да се разбереме и да продолжиме да функционираме заедно. Во спротивно, секогаш овие теми ќе бидат користени за внатрепартиски цели“, изјави градоначалникот на Куманово во „Тема на денот“ на телевизијата Сител.