Албанската полиција и забрани на навивачката група „Илирија Елита Груп“ да патува на квалификацискиот меч за светското првенство во Русија 2018 кој што треба да се одигра денеска во Скадар.
Оваа група „ултраси“ кои што освен од Албанија доаѓаат и од Македонија и Косово имаат забрана да бидат дел од мечот Албанија – Италија затоа што на првиот меч што се одигра во март фрли неколку бенгалски факели нa теренот.
Со цел да спречи припадниците на оваа група да бидат на трибините во Скадар албанската полиција на сите свои гранични служби им наредила да вршат темелни проверки на граничните премини со Косово и Македонија од каде што исто така се очекува да дојдат на северот на Албанија.
Посебни проверки ќе се вршат и на тиранскиот аеродром Мајка Тереза и на пристаништето во Драч.
Според албанската полиција вонредните мерки се преземаат со цел справување со оваа група која што е „екстремистичка и насилна“.
Полицијата најавува дека ќе спречи влез во земјата на сите „лица со тенденција за радикализам и екстремизам“ без да даде детали како ќе го утврди тоа.
Минатата година поради безбедносни причини беше откажан квалификацискиот меч против Израел во Скадар по што средбата се одигра во Елбасан.
На членовите на групата „Илирија Елита Груп“ им беше забранет влез и на стадионот во Струмица каде што Албанија играше против Македонија во септември поради безбедносни причини но дел од нејзините членови од Македонија сепак дојдоа до Струмица каде што залепија стикери со своите симболи.
Член на оваа група е и Исмаил Морина која што пред две години на средба против Србија во Белград успеа со дрон да го промовира знамето на Етничка Албанија на стадионот Маракана. Морина сега се наоѓа во екстрадициски протвор во Хрватска.