Деца зад воланот во присуство или без родител(и) не е невообичаена појава во Македонија, но кога таквата пракса ќе се понесе со себе и во странство, посебно во Германија, наидува на реакција не само од полицијата.
Во тоа лично се уверија 33-годишен Македонец од Нидеген и неговиот десетгодишен син вчера попладне, кога возач на автомобил со кој се разминале на локалниот пат меѓу селата Френц и Ламсдорф ги пријавил во полиција. Кога забележал дека детето, наместо на детското седиште назад, седело зад управувачот со татко му како совозач, тој го свртел своето возило и ги следел до Френц, каде што Македонците застанале. Совесниот граѓанин му се обратил на таткото, кој во почетокот не ја гледал својата вина, но таа му се разјаснила по едукативниот разговор со полициските службеници, а дополнително ќе го отрезни казната за сторениот сообраќаен прекршок.