Македонските фудбалери од пред два дена се во Хаифа и сега се часови пред дуелот со Израел од квалификациите за Светското првенство. Тој е дел од седмото коло во групата Г и нема суштинско значење околу некаков пласман на мундијалот во Русија до година, зошто ниту ние, нити домаќинот не сме им конкурентни на Шпанија и Италија. Од друга страна секој бод, секоја победа си имаат значење и создаваат мотивација особено кај нас по неколкуте несреќни порази и актуелниот пласман на претпоследното место. Средбата Изреал-Македонија е од 20.45, се игра на Сами Офер стадионот во Хаифа и е петта меѓусебна, со тоа што ние претходно ги загубивме сите 4 соочувања.
„Се надевам дека конечно и нас ќе не посака среќата. Во Скопје не реализиравме многу шанси и пенал, па не победивме, се надевам дека сето тоа ќе ни се врати. Но, мора да знаеме дека мора да одиграме максимално концентрирано во текот на сите 90 минути. Во ист ритам цел натпревар за да дојдеме до победа“ порача вчера од !светата земја“, капитенот Горан Пандев.
Освен мечот на Израел и Македонија денеска во вечерниот термин во нашата група се игра и мечот за првото место меѓу Шпанија и Италија, а порано (18.00) е дуелот на Албанија и Лихтенштајн.