Празникот на Христовото вознесение – Спасовден спаѓа во големите христијански празници, се празнува 40 дена по Велигден и секогаш е во четврток. Четириесет дена по воскреснувањето Исус им се јавувал на своите ученици и ги подготвувал за нивната идна активност. Во овој период луѓето се уште се поздравуваат со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ и си отпоздравуваат со „Воистину воскресе“.
Празникот Вознесение Христово се празнува во спомен на вознесувањето на Исус Христос на небото. Четириесеттиот ден по Воскресението Исус за последен пат им се јавил на своите ученици, ги собрал на едно место, во селото Витанија, единаесетмината (бидејќи Јуда по предавството се обесил) и им соопштил дека се уште не треба да одат во Ерусалим, зашто наскоро врз нив ќе слезе Светиот Дух и ќе ги исполни со сила. Со таа сила вие ќе крштевате, како што свети Јован крштеваше со вода, им рекол тогаш Исус. Потоа се подигнал и облак го кренал на небото, а тој застанал до Богот Отец. На местото, пак, каде што стоел останала длабнатина од неговите стапала.
Во спомен на овој настан Светата христијанска црква го востановила празникот Вознесение Христово или Вознесение Господово кој уште се вика и Спасовден, зашто се празнува денот на Спасителот на светот – Исус Христос. Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на 4 век тој спомен е одделен од Педесетницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.
Верувања
Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за да не го уништува град полето. Оние кои го слават Спасовден колат јагне, а според народните верувања се верува дека мажите на овој ден не смеат да се бричат, а жените да се бањаат.