„Пред една година, кога го создадовме Демократското движење, многумина се сомневаа во можноста за промена. Но, ние верувавме и благодарение на заедничката посветеност изградивме консолидирана политичка сила, која веќе се прошири низ целата земја“, изјави лидерот на партијата Изет Меџити на одбележувањето на првиот „роденден“ на неговата партија на свечена церемонија на плоштадот Скендербег во Скопје.
Рече дека е докажано дека се повеќе од партија – „ние сме движење што го скрши стравот и всади вистинска надеж за промени“.
„Докажавме дека нашето обединување може да триумфира над режимот кој две децении ја искористи нашата земја и нејзините граѓани. Денес, една година по основањето, Демократското движење е посилно и порешително од кога било за да го продолжи патот кон успешна иднина. И оваа годишнина ја одразува стабилноста, силата и вербата што ги изградивме заедно“, рече Меџити.
Демократското движење е основано на 13 август 2023 година и е дел од коалицијата ВРЕДИ, која учествува во владата, додека нејзиниот лидер Изет Меџити ја извршува функцијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.