Девојче од Косово доби „воспитна“ од тренерот по поразот од Србинка во финалето на ЕП во таеквондо! (ВИДЕО)

Видео снимка од Тирана ги вжешти социјалните мрежи на Балканот поради потегот на тренерот на Косово, кој грубо се однесуваше кон својата осумгодишна натпреварувачка по поразот од врсничка од Србија во финалето на Европското првенство во таеквондо за кадети.

Откако се крена голем прав по потегнувањето на девојчето од тренерот Валмир Фетиу за кацигата и шлаканицата потоа, тој во изјава за „Коха.нет“ објасни дека станува збор за негова ќерка и оти морал да постапи така за да ја смири по борбата во која таа загуби на поени со 4:3.

„Требаше да се смири, бидејќи го прими тоа при срце. Таа почна да плаче и да вреска и не сакав да ја видам во таква состојба пред други“, рече Фетиу. „Тоа беше борба за првото место. Таа го освои второто, иако беше многу подобра од натпреварувачката од Србија. Таа е 8-годишно девојче и почна да плаче. Ѝ реков да се смири“.

Тренерот од косовска Сува Река негира дека ѝ удрил шлаканица на ќерка си.

„Тоа не беше шлаканица, само допир по лицето за да се смири, да сфати дека е готово и да оди да се поздрави како што му доликува на спортист“, објасни тој. „Никој не може да го сака моето дете повеќе од мене. Моето дете е целото мое богатство, логично е. Таа требаше да се смири. Напорно тренираше за да го освои првото место“.