Милиони евра штета предизвикуваат кражбите на струја, коишто станаа редовна појава во Македонија, а Скопје и Гостивар се два града шампиони по кражби на струја, пишува Дојче веле.

Неказнивоста или малите казни коишто им се изрекуваат на оние коишто ќе бидат фатени дека нелегално се приклучиле на електродистрибутивната мрежа, не ги заплашуваат крадците на струја. Иако еднаш веќе биле откриени, многумина повторно се одлучуваат на „диво“ да се приклучат на мрежата.

Годинава се поднесени 312 пријави, а процесуирани се само 103 судски постапки за кражба на струја.

Според Кривичниот законони „тој што со приклучување без согласност на соодветниот оператор на системот, со преземање пред уред за мерење, со отстранување, онеспособување, премостување, промени и слично ракување со уред за мерење или на друг начин неовластено ќе користи електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, со намера за себе или друг да прибави противправна имотна корист, ќе се казни со казна затвор или парична казна“.

За правните лица е предвидена парична казна, а за физичките лица е предвидена казна затвор до три години и парична казна. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема, тогаш е предвидена казна затвор до пет години и парична казна.

Во моментов најмногу случаи на кражби на струја има во селото Сингелиќ, Серава, Дижонска, Сарај, селото Лисиче и неколку скопски градски подрачја. За дел од овие локации со години наназад се зборува дека се центрите за копање биткоини во Македонија.

Најголеми загуби на електрична енергија од кражби има во Скопје и во Гостивар.

Со цел да се избегнат ваквите појави компанијата започна со реконструкција и модернизација на дистрибутивната мрежа на повеќе локации и тоа во Арачиново, Грчец, Драчево, Слупчане и слично. Ваквите зафати следат откако во 2022 година беше обелоденето дека само во Општина Арачиново за една година биле украдени или не се плаќала струја во вредност од 6 милиони евра, а околу 50 милиони евра беше вредноста на украдената струја само од Скопскиот регион за една година. Загуби на струја има и во други општини како .на пример Куманово – 16%, Тетово – 12%, Гостивар 19%, Кичево 12%…