Безмалку две третини, поточно 64 проценти од македонските граѓани со негативен одговор на прашањето „дали новата влада треба да прифати внесување на Бугарите во Уставот според сегашните услови или не треба да прифати дури и по цена на повторно одложување на почетокот на преговорите со Европската унија“ во анкетата на „Детектор“ на ТВ Сител.



Помалку од една четвртина или 24 отсто од анкетираните одговориле потврдно на ова прашање во истражувањето на јавното мислење направено од Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) за потребите на емисијата.

Дури 82 проценти Македонци се противат на внесувањето на Бугарите во Уставот а само 12,9 отсто се „за“, наспроти Албанците во Македонија, од кои 56,3 проценти го поддржуваат тоа, а 11,3 отсто се противат.

На прашањето „дали сметате дека Владата ќе го надмине спорот со Бугарија и Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ“, со „да“ одговориле 45,2 проценти од прашаните, а со „не“ 35,8 отсто.

Сепак, најголем дел од испитаниците или 30,7 проценти сметаат дека спорот со Бугарија нема да се надмине, 7,0 отсто очекуваат тој да се реши до крајот на годинава, 16,8 отсто в година и 19,7 отсто во следните четири години.

Повеќето од анкетираните или 43,3 проценти не би прифатиле да се смени Уставот и да продолжат преговорите со ЕУ доколку Македонија добие дополнителни гаранции наспроти 41,0 отсто кои би прифатиле.

Половина или 50,5 проценти од испитаниците сметаат дека САД можат да помогнат за надминување на спорот, а 27,4 отсто не веруваат во тоа.