Својата надмоќ на 29. Светско првенство за ракометари соорганизаторот Данска ја круниса со победа над Хрватска од 32:26 во финалето во Осло, станувајќи првата машка репрезентација што четири пати во низа триумфирала на планетарните шампионати.
Деветтата победа на казнената експедиција на Николај Јакобсен во деветтиот натпревар на првенството, 35. во последните 37 мечеви на мундијалите, покрај двете нерешени, во ниту еден момент не беше доведена во прашање, освен кога Хрватите имаа напад за израмнување при водсртво на противникот од 8:7.
Сè пред и потоа беше во знакот на Данците, кои стигнаа до својот осми медал на СП, на кои имаат уште три сребра и една бронза, вкупно 20. трофеј на големите натпреварувања!
Голманот Емил Нилсен брилјираше и на оваа средба, на која запиша 13 одбрани со 38 проценти успешност, со што само го потврди местото во идеалната седморка заедно со МВП на првенството Матијас Гидсел, кој во финалето застана на 10/11, а меѓу најдобрите седуммина се најде и десниот бек Симон Питлик.
„Коцкестите“ за утеха го имаат Иван Мартиновиќ во идеалниот тим, а легендите Домагој Дувњак, Игор Карачиќ и Иван Пешиќ се простија од националниот дрес со четвртото мундијалско сребро за Хрватска, која има и по едно злато и бронза, вкупно 15 на големите натпреварувања.