Дамева ,,најде” аргумент зошто треба да е на чело на Судскиот совет додека не се реши предметот на нејзиниот сопруг

Шефицата на највисокото судско тело за контрола и унапредување на судиите Весна Дамева ,,најде” аргумент зошто треба да е на чело на Судскиот совет уште 8 месеци.

Случајно или не таа со одлука на колегиумот на РСС сака да остане на чело на ова тело најмалку два месеци откако треба да се реши предметот на нејзиниот сопруг кој трае 18 години.

По информациите кои вчера и денеска беа објавени од дел од медиумите дека спорот во на законот во Судскиот совет се разговарало за продолжување на мандатот на актуелната претседателка на ова тело, Весна Дамева, попладнево со соопштение до јавноста се огласи самата Дамева. Во него, таа тврди дека согласно членот 8 став 2 од Законот за Судскиот совет, мандатот на претседателот на Советот трае две години, но, исто така, додава таа нејзиниот бил прекинат од 26 април 2023 година, кога незаконски беше смената од функцијата, до 3 јануари 2024 година.

„Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин. Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред задолжително како законски основ се констатира единствено престанок на мандатот“, вели Дамева во соопштението.

Бидејќи во нејзиниот случај во два наврати беа донесени одлуки за разрешување од функцијата претседател на Советот, едната на 26 април лани и другата една недела подоцна, односно на 4 мај, Дамева вели оти сметала дека е потребно да се дефинира точниот датум до кој треба да биде на чело на Советот.

Иако за правното прашање, според неа, членовите на Советот имале свој став, сепак биле консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, кои, како што наведува Дамева, само го потврдиле ставот на мнозинството дека мандатот „треба фактички да се извршува две години“.

„На јавноста ѝ е добро познато дека функцијата претседател на Судскиот совет фактички не ја извршував две години, па од почит према јавноста и Вас, новинарите сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци, на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет, по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ. Лично сметам дека на граѓаните воопшто не им е важно кој е претседател на Судскиот совет, кое е внатрешно, интерно прашање на Советот, но многу им е важно дали претседателот ја извршува својата работа совесно, стручно и согласно закон и дали се постапува навремено и законито во врска со иницираните предмети, претставки и барања за утврдување на одговорност“, вели Дамева.
Реакцијата на претседателката на Судскиот совет доаѓа по информациите кои преку објава на Фејсбук во јавноста ги наведе пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој напиша дека Советот донел заклучок со кој сака да менува законска норма.

Имено, Милошоски објави дека во понеделникот Судскиот совет одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој била отворена расправа за, како што вели тој, противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС).

Поврзани вести

Термините на скапиот предмет на сопругот и нејзиниот мандат чудесно се поклопуваат

Правосудна мафија 2: Предмет на сопруг на правосудна ,,моќничка” вреден милиони ,,смрди” на сомнеж за корупција