Одлуката за тоа дали ќе одат во притвор предвидено е да биде донесена во вторник, кога пратениците се повикани на распит во Основниот суд Скопје 1, дознава „Фокус“.

Инаку, до Кривичниот суд се уште не стигнало решението дека на претениците Крсто Муковски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, осомничени за насилството во Собранието, што се случи на 27 април, им е одземен имунитетот.

Без присуство на ВМРО-ДПМНЕ, македонското Собрание одговори позитивно на барањето на Основен суд Скопје 1 и им го одзеде имунитетот на шесте пратеници осомничени за „терористичко загрозување“ на уставниот поредок и безбедноста.

Одлуката беше донесена едногласно, односно сите 67 присутни пратеници гласаа за одземање на имунитетот на пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, пред гласањето рече дека во Македонија мора да завладее правото, наместо селективната правда, а Артан Груби од ДУИ и шеф на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања одлуката ја нарече „лекција за 27 април да не се повтори во иднина“.