Дали трговијата, транспортот и хотелиерството најмногу ја билдаат економијата?! 

Секојдневното пазарење на граѓаните и трошењето на државата се главните двигатели на домашниот БДП кој во третиот квартал е 3%. Со овој податок премиерот Христијан Мицкоски е задоволен. Па така, ако се сумираат работите, по се изгледа дека трговијата, транспортот и хотелиерството ни ја билдаат економијата, во најголем дел. Во третото тримесечје од годинава бруто домашниот производ на земјава пораснал за 3% што е еден од највисоките стапки на раст за овој период, споредбено со земјите од ЕУ и Европа.

Само пет земји-членки на ЕУ имаат повисока стапка на раст во третиот квартал. Што се однесува во регионот, помала стапка на раст во третиот квартал има две земји членки на ЕУ, тоа се Грција и Бугарија (2,4 проценти), Романија е во негативно салдо (-0,3 проценти), Словенија е 1 процент. Негативни се стапките на раст на Естонија, Австрија, Латвија, Германија итн.

  • Може тоа претставува бројка што е релативна и бројка којашто може да се дебатира, но какви се фактите. Во услови на сложени геоекономски и политички случувања бројката од 3 проценти е една од најголемите во рамките на ЕУ. Ако се анализираат податоците ревидирани од првите три квартали оваа година, тогаш може да кажеме дека македонската економија порасна во просек повеќе од 2,6 проценти, што претставува повеќе од предвидувањата на некои од меѓународните институции, како Светската банка која предвидуваше раст од 1,8 проценти за 2024 година на БДП на македонската економија – вели премиерот Христијан Мицкоски.

Во третото тримесечје од 2024 година, поголем пораст е забележан во секторите: Трговија на големо и трговија на мало, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна, Стручни, научни и технички дејности, Административни и помошни услужни дејности. Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2024 година, номинално растеше за 3,9 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 67,7 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 2,0 проценти. Премиерот Мицкоски очекува раст сличен и повисок во четвртиот квартал со што би се доближиле на годишно ниво од 3 проценти, што е многу повеќе од предвидените 1,8 проценти.

По сектори, во трговијата има пораст од 10,6 проценти. Но, паралелно во истиот период бруто инвестициите стагнираат, а извозот и увозот се на нула. Индустријата пак бележи пад од 4, 6 отсто. Премиерот очекува овој раст да биде повисок во следниот квартал.