Различно толкување на разговорот и на „договореното“ на средбата на двајцата министри во Њујорк или двајцата министри не се разбрале.
Димитров и Коѕијас во Њујорк разговарале за средба на македонски и грчки историчари, а не за формирање на заедничка комисија која ќе ги ревидира македонските учебници по историја.
Министерството за надворешни работи, денес демантираше дека шефот на македонската дипломатија договорил формирање заедничка комисија за отстранување на иредентизмот од македонските учебниц со својот грчки колега, Никос Коѕиас, јавија неколку скопски телевиззи повикувајќи се на писмен одговор од МНР.
Она за што е разговарано на состанокот во Њујорк помеѓу МНР на РМ Димитров и МНР на Грција Коѕијас е во насока на иницијативата на Република Македонија од 2007 година за средба на историчарите од двете земји.
На состанокот во Њујорк соговорниците се согласија дека треба да се работи на надминување на историските предрасуди на Балканот во интерес на соработката и иднината.
Двајцата министри во оваа фаза разговарале за средба на експерти од областа на историјата, а не за формирање на заедничка комисија, при што е разбирливо процесот да се однесува на двете страни, стои во одговорот од МНР.
Никос Коѕиас, вчера тврдеше дека токму таква комисија била договорена на средбата во Њујорк минатата недела.
Дека имало средба беше јавено, се појавија и фотографии, но не и за она за што се разговарало.
Шефот на грчката дипломатија, во изјава за медиумите спомнал и рокови до кога треба да се формира комисијата. Според него таа треба да почне со работа во ноември оваа година и во рок од четири месеци да излезе со конкретни резултати.
Ова е многу важен чекор, а ќе следат и други чекори за кои веќе разговаравме, изјавил Никос Коѕијас.
Изјавата на Коѕиас доаѓа во време кога и Бугарија, по потпишување на Договорот за добрососество, спомнува ревизија на некои историски моменти во македонските учебници.