Дали Македонија треба да го „заборави“ Денот на победата над фашизмот

Во Европската Унија, каде што Македонија веќе 20 години има статус на земја – кандидатка, но сепак тој момент на членство е сè уште далечен и неизвесен – 9 мај е означен како Денот на Европа, со тенденција на неспоменување на антифашизмот, кој е основната причина за одредување на овој датум како особено важен ден за „новата Европа“, прашува Јасминка Павсковска во колумна за „МКД.МК“

Според програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2025 година, изгласана во Собранието на Македонија на 10 март, годинава, предвидено е одбележување на 80 години од Големата победа над фашизмот – Ден на Европа. За носители на проектот на одбележувањето се наведени ЈНУ Институт за национална историја, Државниот архив и Владата на Македонија.

Сепак и покрај важноста на јубилејот, не само од домашни и европски, туку и од светски размери, како програма за одбележување на Денот на победата над фашизмот – Денот на Европа, за денеска како официјално одбележување предвидено е владина делегација да положи цвеќе на спомен – обележјето на Партизанските гробишта Бутел во Скопје.

Во делегацијата ќе бидат заменик претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за правда Игор Филков и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

По положувањето на венците предвидени се обраќања на вицепремирот Димовски и министите Муртезани и Мисајловски, соопшти Министерството за одбрана.

Цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел ќе положат и делегации од Канцеларијата на претседателот на Република  Македонија, од Собранието, Армијата, Сојузот на борците на Народно-ослободителната антифашистичка војна, дипломатскиот кор и други организации.

Воените паради по повод 9 мај – Денот на победата на фашизмот се некаква својствена манифестација за државите кои се сметаат за победнички во Втората светска војна. Таква парада во Русија се одржува секоја година во Москва, а последниве три години од почетокот на воениот конфликт во Украина, на оваа манифестација, од страна на ЕУ се гледа како своевидна провокација. Навистина и претходно на овие паради во Москва не се гледаше со некои особени симпатии од страна на европските земји, односно како на манифестација на „ексклузивно право на антифашизмот“ од страна на СССР, а подоцна на Руската Федерација.

Но оваа година, за 80-годишниот јубилеј, воена парада по повод Денот на победата над фашизмот, во понеделникот, на 5 мај, се одржа и во Лондон, Велика Британија. Историски факт е дека Велика Британија, СССР и САД беа сојузници во Втората светска војна, кои ја извојуваа победата над фашизмот.

За Македонија пак, учеството на македонскиот народ во таа глобална антифашистичка борба има особено значење, зашто преку народно-ослободителната војна со антифашистички карактер е извојувана и државноста, прво во рамките на Југославија, а од 1991 како независна држава. Со оглед на таквото значење на антифашизмот, она што се очекуваше е поголемо одбележување на 80-годишниот јубилеј и повидливо во јавноста. Можеби не воени паради, но секако некоја пригодна манифестација, или свечена академија…

Повеќена ЛИНКОТ