Македонската кошаркарска селекција вечерва во Скопје ги започнува подготовките за предквалификациите за Светското првенство, а како што изјави селкторот Јорданчо Давитков на него ќе се појави и Перо Антиќ. Актуелниот член на Фенербахче и поранешен НБА играч се откажа од репрезентацијата уште во 2013. година и до сега не отстапил, а знаејќи ги односите со првиот човек на Федерацијата, Петар Наумовски и сите дописи по социјалните мрежи и низ соопштенија, тешко е да се поверува дека Антиќ во моментов е подготвен да се премисли.

Давитков кој на подготовките може да бира меѓу повикани 24 играчи вели дека Антиќ сака да помогне, но веднаш му создава алиби со изјавата за некаква повреда што наводно крилниот центар ја влечел подолго време. Првиот собир на селекцијата е од 19 часот во арената Борис Трајковски во Скопје, а до стартот на претквалификациите и средбите со Косово и Естонија ние ќе имаме седум пријателски натпревари.