Кирјакос Велопулос, лидер на десничарско-националистичка партија „Грчко решение“ од говорницата на грчкиот парлемент денеска го искина листот со Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

„Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција и го кажувавте тоа на протестите. Сега ја нарекувате Северна Македонија.

Нашиот проблем не е претседателката на Скопје, проблемот е начинот на кој ја учат нивната историја, логиката со која самиот народ избира. Кого? Комитите. ВМРО е најлошото што би можело да го избере еден народ. Фашистичка и нацистичка партија, регуларна нацистичка партија“, рече Велопулос, пренесува МИА

Во продолжение тој го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако Владата не може да го стори тоа, ќе го сторат тие и го скина листот.

Тој упати остри критики до грчката Влада, повикувајќи ја да ги донесе за ратификација трите меморандуми „за сите партии да гласаат против“.

„ Донесете ги меморандумите за соработка со Скопје, сите да гласаме против, бидејќи тие го поништија Договорот, а не ние“, рече Велопулос.

Грчко решение е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти и се движи на четвртата и петтата позиција.