Свештеници на Грчката православна црква вчера излегоа на протест на кој се бара терминот Македонија да не биде дел од новото име на земјава.

Десетици попови со транспарент на кој пишува „Македонија е грчка“ излегоа на улиците на градот Ајгио, а за време на протестот се слушале камбаните од сите цркви во градот.

Очевидци велат дека ова не се случило во историјата на градот.

Протестот го предводел ултранационалистичкиот владика Амвросис, кој е дел од пошироко грчко неформално движење против компромисно име за Македонија, кое што ги засилува своите активности паралелно со интензивирањето на разговорите меѓу двете земји.

За в сабота во Солун е закажан голем протест организиран од политичари и свештеници, на кој ќе се бара забрана за користење на терминот Македонија од наша страна.