Откако медијаторот на Обединети нации во спорот за името Македонија, Метју Нимиц, замина од Атина за Скопје, архиепископот Јероним го смени ставот и изјави дека Црквата на Грција ќе се приклучи на големиот протест најавен за в недела во Атина против употребата на зборот „Македонија“ во каков и да е договор меѓу двете земји.
Епископот Доротеј од Сирос, кој е потпретседател на Светиот синод, ќе им се придружи на организаторите на митингот на бината што ќебиде поставена на плоштадот „Синтагма“ заедно со епископите на Драма и на Хиос, соопштија од Црквата.
Наспроти своето искажување против протестните собири по средбата со премиерот Алексис Ципрас за прашањето за Македонија, сега Јероним има спротивен став. Под притисок на свештенството и на голем дел од јавноста, тој изјави дека Црквата ќе ги поддржи демонстрациите сè додека се мирни.
Присуството на свештениците в недела ќе го потцрта отфрлањето од Светиот синод на употребата на терминот „Македонија“ во какво и да е решение на спорот за името меѓу Грција и нејзиниот северен сосед.