Грчката црква во САД повика на молитва и на акција за името Македонија

Грчка православна архиепископија на Америка ги повика своите верници на „непрестајна молитва и итна акција“ за „три многу проблематични прашања што се однесуваат на православието и на хеленизмот, кои остануваат нерешени, и покрај многуте и големи напори: Вселенска патријаршија, Кипар и името на ПЈРМ“.

Оваа црковна организација што дејствува како епархија на Вселенска патријаршија и е со седиште во Њујорк со непрецизности и погрешни информации зборува за проблемот што го имаат таа и нејзините верници со името на северниот сосед на Грција.

„Во 1991 година јужната провинција од тоа што тогаш беше Југославија, наречена Југословенска Република Македонија, се отцепи и прогласи независност под името ‘Република Македонија’. Со тоа, таа произволно го узурпира историското име ‘Македонија’, кое е грчки збор и се однесува на историското кралство и на цивилизацијата на античките Македонци под кралевите Филип и Александар Велики како неоспорен дел од грчката нација и од хеленското историско и културно наследство. Движењето што почна во 1992 година продолжува и денес, како во Грција, така и меѓу грчката дијаспора низ светот. Овде, во Америка, нашите дијаспора, хеленски друштва и организации, на чело со Панмакедонска асоцијација, ја продолжуваат деноноќно светата борба во врска со името на ПЈРМ, посебно сега кога има обновена мобилизација во однос на изнаоѓањето заедно профатливо име што треба да ги почитува историјата, географијата и етнолошката вистина“, пишува во прогласот потпишан од Деметриос, архиепископ на Америка.