Професорката и лидер на партијата „Глас за Македонија“ вели дека во пресрет на претседателските и парламентарните избори, не треба да се заборави распродажбата на името на државата, на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ.
„Бевме лажени дека новото име нема да важи и внатре во државата.
Лажеа и дека нема да има уставни промени.
Лажеа кога се колнеа во глупости како „жици на гитарата“, а излезе дека нашата позиција како народ ја ставија на жица.
За срам пред целиот тој свет, кој им „аплаудираше“ јавно, а тајно им се потсмеваше и им се чудеше на умот. Бидејќи истите тие не се виновни. Сѐ е направено со наш, односно со нивен потпис.
За ова грубо прекршување на нашиот устав, за поткупот на пратеници, за лагите, за откажувањето од грижата за нашите малцинства, за поништувањето на идеалите од АСНОМ, кои се фундамент на државата, барам највисоки казни“, пишува Грчева во колумна за Нова Македонија насловена „Да не се заборави’.
Во продолжение професорката потсетува:
„Народот го осиромашија, пепел го сторија. Зарем не се движат по улиците на градовите и не гледаат дека секоја втора мала фирма е затворена, а другите живеат во страв од рекет, но и од бесмислени давачки од типот „фирмарина“. Затоа пак, улиците станаа Лас Вегас. Понудата за младите се коцкарници и спортски обложувачници. Не спорт, не образование, не наука, не култура, не забава, туку коцка. Способните ги набркаа, за да можат нивните чеда да живеат на државни јасли, да се возат во прескапи автомобили и да уживаат на одмори таму каде што еден лекар или професор или новинар, сеедно, не може да помисли ниту кафе да испие…“
На крајот Грчева апелира:
„Ајде да се опаметиме и да си го побараме назад сето она што ни е одземено. На сите нас“.