Грчева: Барам највисоки казни и место во Идризово за потписниците на Преспанскиот, а ние да си ги вратиме одземеното име и идентитет!

„Во пресрет на двојните избори, претседателски и парламентарни, барам: никогаш да не се заборави распродажбата на името на државата, на идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ. Ајде да се опаметиме и да си го побараме назад сето она, што ни е одземено на сите нам. Не сме немоќни да го сториме тоа. Барам да одговараат потписниците на договорот од Нивици и секој да го добие своето место во Идризово, бидејќи згазнаа на јасно изразената волја на народот, потврдена на референдумот во 2018 година и уште повеќе на референдумот од 1991 година. На референдумот од 1991 година македонскиот народ се определи со повеќе од 95 проценти од излезените се определи за независна Република Македонија. Бевме лажени дека новото име нема да важи и внатре во државата. Лажеа и дека нема да има уставни промени. Барам никогаш да не се заборави дека истата таа влада ни донесе и уцени од Република Бугарија, каде што како во наместен судски процес треба да признаеме дека до 1945 година сме биле Бугари и оти јазикот ни бил изведенка од бугарскиот. Барам највисоки казни, поради ова грубо прекршување на нашиот устав, за поткупот на пратеници, за лагите, за откажувањето од грижата за нашите малцинства, за поништувањето на идеалите од АСНОМ, кои се темелник на државата.“ – истакнува професорката д-р Солза Грчева, претседателка на партијата „Глас за Македонија“, која е од пред неколку дена членка на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во колумната  под наслов „Да не се заборави“, која ја објави весникот „Нова Македонија“, покрај другото, Грчева натаму пишува: Се надминаа и самите себеси со својата неспособност и незаинтересираност за македонскиот народ. Токму тие „Европејци“ ни ги нарушија соседските односи со Бугарија, наместо да ги подобрат. Истите тие прифатија уште понепристојна рамка за преговори со ЕУ, повторно од целосна негрижа за постоењето, достоинството и вековните идеали на македонскиот народ.

Згазнаа на нашето антифашистичко минато, релативизирајќи ја нашата историја, која како на поддавалник им ја нудат на соседни држави, да ја преправаат и да ја поништуваат. Уште и ни стојат со „пиштол“ на чело да прифатиме нешто, што не го прифаќаат повеќе од 70  отсто од народот. Не можеа ништо попаметно да договорат со ЕУ, во која божем не внесуваат на нивните плеќи, отежнати од носење пари. Нѐ стават како жртвени јагниња во редица за нови и нови уцени, по системот земи или остави. Сега или никогаш. И за тоа ќе си одат.

Никогаш да не заборавиме дека дословно нѐ искрадоа. Каде има во светот поранешен премиер, како нај нас што е оној од нивната партија, да биде трговец со марихуана и „топло“ да ни препорачува на сите нам сите да сме саделе по балконите „две-три стракчиња“? Како смееше да се потпише договорот со „Бехтел и Енка“ со најскап километар пат во светот? На грбот на оваа сиромаштија? Каков е тој морален пад да се крадат и препродаваат скапи цитостатици за најтешко болните? Луѓе од самата болница за онкологија, раководена од оваа власт. Поголема чудовишност не можам да замислам. Најважно е да не заборавиме и секој да го добие своето место во Идризово.

Македонскиот народ посебно не смее да заборави дека е дискриминиран во божем сопствената држава. „Правичната застапеност“ и „врамнотежувачот“ („балансерот“ дополнително не им даваат можност на македонските деца да се вработат. И сопствените мајки ќе си ги продадеа, само СДС да го задржат сиве овие години на власт. Оставаат држава, во која мора повторно ние, мнозинскиот народ, да ги бараме правата. Во која тоа држава Заводот за статистика работи со врзани потписи на Македонец и Албанец? Па, во таа каде што сосила мора да се намали бројот на Македонци, а резултатите од пописот да се штимаат цели седум месеци.

Колумната ја нареков: „Да не се заборави“, затоа што забораваме. Затоа што релативизираме. Затоа што мислиме дека сме немоќни да промениме нешто. Затоа што сме поделени. Ајде да се опаметиме и да си го побараме назад сето она што ни е одземено. На сите нам.