Една од песните испеани за време на прослава на Македонците во Воден, Грција, ден пред Нова година повторно ги крена тензиите во грчката јавност во врска со Македонија и македонското културно и историско наследство.
Песната „Грци бегајте, не ве сакаме“, традиционално се пее на сите јавни собири на Македонците во Грција и таа вообичаено е осудувана од страна на грчките политичари, но сега за неа информираат и највлијателните грчки медиуми.
Според познавачите на состојбата, не е исклучено пеењето на оваа песна на македонските собири во Грција да биде злоупотребено како алиби за поцврсти позиции на грчката Влада во претстојните преговори за името.
Според едно сценарио, грчката Влада, доколку дојде во ситуација на неиздржлив притисок од САД и ЕУ во врска со името, би можела да ги обвини македонските власти дека стојат зад иредентистичките собири на Македонците во Грција, кои што пејат навредливи и заканувачки песни за Грците.
Дел од грчките медиуми што известуваа за прославата на која се пееја само македонски песни и се играа македонски ора во извештаи говореа за „скопска пропаганда“ и за злоупотреба на терминот Македонија, но во суштина тие ја информираа грчката јавност дека во Грција, и покрај негирањето, постои население различно од грчкото – македонско население.
„Традицијата на пропагада на проскопјаните се случи меѓу иредентистите во Воден (Едеса)“, се вели во извештајот на една од теелвизиите кои што информираа за настанот.
Телевизијата ја пренесува изјавата на градоначалникот на Воден кој се жали дека Скопје врши пропаганда преку локален клуб кој што организирал пеење македонски песни и македонски ора.
„Вакви обичаи никогаш не постоеле во Воден“, вели етнологот и писател Димитрис Евангелидис.
„Не се согласуваме со постоењето на елементи и луѓе што сакаат да ја искористат ситуацијата“, вели во изјавата градоначалникот на Воден, Димитрис Јанис.
Според коментарите, пеењето песни во кои се тврди дека Македонија се протега до Егејот е доказ дека северниот сосед има територијални претензии и шири иредентизам.