Официјална Атина планира да преземе мерки со кои што на Бугарија ќе и укаже дека не смее да зазема страна во македонско – грчкиот спор за името по наводното директно мешање во внатрешните работи на Грција.
Дел од грчките медиуми пренесуваат дека за време на посетата на бугарскиот премиер Борисов и министерката за надворешни работи Захариева на Скопје – кон Грција биле „упатени вербални куршуми“ поврзани со спорот за името.
Покрај обвинувањата за претседателот Иванов кој според грчките власти упатил неосновани обвинувања кон Грција, Атина е навредена од однесувањето на министерката Захариева која дала изјава против јужниот сосед.
„Бугарија посакува решение на спорот за името кое што нема да биде поврзано со северна географска одредница“, изјавила Захариева во Скопје што според Грција е мешање во билатералниот спор меѓу Македонија и Грција. И предходно бугарски претставници изјавувале дека „Северна Македонија“ како решение е неприфатливо за Бугарија.
Според грчките медиуми Захариева целосно застанала на страна на Македонија и имплицирала дека Грција е виновна за неизнаоѓање на решение.
„Примерот поставен од македонската влада е мотив и јас повикувам на решавање на проблемите со соседните држави затоа што кога имате проблеми со три од вкупно 4 земји треба да размислите во кого е проблемот. Лежи во соседите или во нас како политичари“, изјавила Захариева во Скопје. Оваа изјава за која во Грција сметаат дека говори за нив се смета за директен дипломатски напад од Бугарија.
Ваквата за Грција изненадувачка изјава на Захариева не е израз на Европската солидарност кон Атина, сметаат грчките власти поради што во наредниве денови ќе бидат преземени дипломатски мерки за во иднина Бугарија да не ги повтори грешките направени во Скопје.
Грција очекува по трилатералната средба во Солун на која учествуваа Борисов , грчкиот премиер Ципрас и српскиот претседател Вучиќ, а не беше поканет Заев, двете соседни држави да бидат најмалку неутрални во однос на спорот за името. За разлика од српскот државен врв кој за време на солунскиот самит и подоцна индиректно се закани со враќање на ФИРОМ како официјален начин на обраќање кон земјава, бугарските претставници сега одат контра грчките очекувања.