Грција се плаши од германска медијација во спорот за името

Дел од грчките медиуми пренесуваат дека за време на посетата на македонскиот Вицепремиер Бујар Османи на Берлин од германската влада било побарано да биде дел од процесот на решавање на името.



Весникот „Ризоспастис“ близок на грчките комунисти  предупредува службите во Атина да го следат најновото активирање на германската влада во врска со Македонија во контекст на целосното мобилизирање на меѓународната јавноста во изнаоѓање на решение за спорот со името.

Грчката левица се плаши дека под превезот на членството на Македонија во НАТО и стабилизирање на регионот може да се случи со германска помош Грција да биде жртва на „засилени империјалистички битки за контрола на ресурсите“.

Весникот предупредува дека Османи се сретнал со Михаел Рот, државен секретар за Европа во германското МНР,кој што пред два месеци ги навреди Грците со изјавата дека спорот за името бил апсурден, по што реагираше грчкото МНР.

За Грција е опасно што Османи во Берлин предложил стратешко партнерство меѓу Македонија и Германија со кое германската помош ќе добие формална рамка.

За Атина не е позитивно ниту тоа што Германија како позитивен исчекор го смета потпишувањето на договорот за пријателство со Бугарија, со кој сега Грција останува единствената пречка за прием на Македонија во НАТО и ЕУ што ќе предизвика силен притисок во двете организации.