Околу 500 туристички автобуси се ангажирани за превоз на учесниците од цела Грција на утрешниот голем (анти)„македонски“ митинг во Солун.
Низ градовите низ цела Грција се делат летоци со кои се повикуваат „патриотите“ во одбрана на името „Македонија“, за кое велат дека никако не смее да биде термин вклучен во идното име на северниот сосед.
„Ги покануваме сите Грци да го подигнеме гласот на протестот“, се вели во летокот до кој дојде и екипа на „Експрес.мк“ во Лерин, каде што, барем според контактите со граѓани, нема голем интерес за утрешниот настан во Солун.
„Никој нема право да искриви ни една точка од нашата прочуена историја; Нашето име е нашата душа; Не е предмет на преговарање; Не го отстапуваме никому; Не го предаваме, Не прифаќаме ни едно име што ќе го содржи зборот Македонија“, се пораките кои завршуваат со повикот „Македонија е една и е грчка“.
Зад протестот стои улртрадесничарската партија Златна зора, но и многу панхеленски организации и асоцијации од грчката дијаспора во целиот свет.
Во прилог на дополнително подгревање на атмосферата пред митингот е и анкетата објавена во „Та неа“ дека дури и предлогот „Нова Македонија“ без превод за ново име на северниот сосед е неприфатлив за 77 проценти од анкетираните Грци.

Координативниот комитет на „(анти)македонскиот протест“ ги објави петте главни говорници на настанот.
Покрај Франгос Франгулис, почесен началник на Генералштабот на Армијата, говорници на настанот се и новинарите Стерјос Калогирос и Костас Караискос, Андреас Кефалојанис и стратешкиот советник Никос Лигерос.
Со јасен став за поддршка на митингот се јави и фудбалскиот клуб ПАОК од Солун.
„Македонија е нашата земја, нашиот дом, нашата историја. Таа е историска и грчка. Не е наша работа да водиме политика, но бараме вистината и историјата да бидат заштитени по секоја цена“, објави навивачката група на овој клуб.