Посетите на началникот на генералштабот на грчката армија на северната граница во близина на Лерин и на грчко – албанска граница како и посетата на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос на Грамос се дел од одговорот на грчките власти на заедничките воени вежби на македонската армија и американски војници на Криволак.

И покрај тоа што Грција и САД се членки на НАТО и имаат блиска соработка дел од грчките медиуми и блогови под контрола на радикални групи блиски на врвот на грчката армија, тврдат дека Грција со посетата на началникот и министерот јасно дала до знаење дека не и се допаѓаат воените вежби на САД и Македонија во близина на нејзината граница. Според овие групи меѓу кои има и проруски високи офицери на грчката армија, покрај посетите на воениот и државниот врв на границата грчката армија има засилено присуство во граничниот дел а зголемен е и бројот на летови на хеликоптери за набљудување во близина на границата.

Според официјалните соопштенија на грчката армија овие активности се насочени „кон консолидирање и стимулирање на чувството за безбедност кај локалните жители.

Според дел од извештаите вежбите во Македонија се најава за новиот фронт што може да биде отворен на Балканот каде што Русија нема да молчи за потезите на САД. Според нив со влезот на војската на САД во Македонија речиси извесно е дека северниот сосед ќе стане членка на НАТО и дека ќе се зголеми притисокот врз Грција да прифати ново име за Македонија.

Дека најлошото е пред Грција се потврдува со изјавата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли според кого воената соработка на Македонија со трупите на САД ќе ги подобри аспирациите за влез во НАТО.