Грузискиот премиер Иракли Кобахиѕе, по неговата изјава во четвртокот за суспендирање на процесот на интеграција во Европската унија до 2028 година, го обвини евроамбасадорот Павел Херчински за ширење дезинформации.
Говорејќи на брифингот во петокот, Кобахиѕе одговори на коментарите на дипломатот во врска со прекинот на разговорите за пристап на Грузија во ЕУ, тврдејќи дека изјавата е погрешна.
Тој повтори дека ставот на Владата за европската интеграција останува цврст, но инсистираше на тоа дека Грузија нема да продолжи со преговорите во сегашните околности.
Кобахиѕе го критикуваше амбасадорот на ЕУ за наводно учество во изборната кампања во корист на грузиската „радикална опозиција“, обвинувајќи го за кршење на Виенската конвенција и на демократските принципи.
Тој предупреди дека, доколку однесувањето на дипломатите, особено на амбасадорот на ЕУ, не се промени, Владата ќе преземе „соодветни дипломатски мерки“.
Премиерот истакна дека, и покрај прекинот на процесот на интеграција, Грузија сè уште ги исполнува обврските од Договорот за асоцијација, иако критичарите тврдат дека овој напредок нема да го унапреди процесот на пристапување во ЕУ сè додека формалните преговори останат во мирување.
Премиерот се осврна и на јавното незадоволство од политиката на Владата, тврдејќи дека Грузија била подложена на „уцена“ од западните партнери. Тој го оквалификува притисокот на ЕУ врз Грузија како политичка алатка што се користи за манипулирање и поделба на земјата, особено по руската инвазија врз Украина.
„Од февруари 2022 година до декември 2023 година нѐ уценуваа со кандидатскиот статус“, тврди Кобахиѕе, додавајќи дека Владата нема да дозволи ваквата тактика да продолжи.
Најавата за суспензија доведе до широки протести, при што илјадници граѓани се собраа во Тбилиси и во други градови, изразувајќи фрустрација од антизападниот став на Владата. Судирите меѓу демонстрантите и полицијата избија во средата, што резултираше со приведување на 43 демонстранти и со 22 повредени новинари.
Полицијата употреби водени топови, бибер спреј и солзавец за да ја растера толпата.
Од своја страна, амбасадорот Херчински најави дека на Советот за надворешни работи на ЕУ на 16 декември ќе разговара за потенцијално укинување на безвизниот режим со Грузија.
„Сите опции се на маса“, изјави тој.
Претходно, повеќе членки на Унијата повикаа за воведување санкции за официјални лица и за политички лидери во Грузија, која во декември минатата година доби статус кандидат за членство во ЕУ.