Груевски: Ниедна хунта не може да победи народ

Никола Груевски ја обвини власта на чело со СДСМ за „набивање страв, уцени, закани, поткуп и заплашувања со отпуштање од работа“ во првиот круг од локалните избори, па ја спореди со хунта, поткрепувајќи го тоа со убиството на носител на советничка листа во Кичево, со напукнатиот череп на градоначалникот на Шуто Оризари, со демолираните штабови на ВМРО-ДПМНЕ итн.

„Ниту една хунта не може да победи народ. Не постои помрачување што народот не може да го осветли. Ако сега подлегнеме, тие ќе продолжат со притисоците и со заканите. На овие избори досега потрошија 20 милиони евра, од кои 80 отсто за поткуп на гласачите. Ќе помине и ова и еден ден ќе одговараат“, рече Груевски пред граѓаните на населбата Хиподром во општината Гази Баба.

Гази Баба е една од само трите општини во кои ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг освои мнозинство во Советот, изборувајќи се за 14 места, СДСМ дојде до 12, а едно им припадна на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците заедно. Но, за разлика од 1.636 гласа повеќе на советничката листа во однос на социјалдемократите, во трката за градоначалник Трајковски заостанува зад противкандидатот Борис Георгиевски со над илјада гласа. Досегашниот прв човек на општината освои 16.522 гласа, Георгиевски 17.591, а Зоран Трпчески од Левица 816.