„Убеден сум дека кон средината на јануари ќе го усвоиме Законот за употреба на јазиците и на тој начин ќе го заокружиме Охридскиот договор и ќе постигнеме јазична еднаквост. Ќе затвориме едно важно поглавје кое произлезе од Охридскиот договор и војната во 2001 година“, изјави Артан Груби.
Претседателот на Комисијата за европски прашања за денес закажа седница на која до среда се очекува амандманска расправа за овој закон кој предизвика дилеми и противречни коментари во јавноста. Поднесени се 91 амандман од ВМРО ДПМНЕ, Беса и СДСМ, по што законот ќе оди на усвојување со европско знаменце на пленарна седница во Собранието.
Седницата за ова претходно беше закажана на 22 ноември на денот на албанската азбука, но не се одржа поради службениот пат на претседателот Груби.
Два дена пред тој датум еврокомесарот Јоханс Хан во Скопје изјави дека „Законот за јазиците не е дел од она што е договорено во контекст на условите што се релевантни за добивање позитивна препорака“ иако уште во август влезе во собраниска процедура на предлог на Владата како дел од законите за евроинтеграција на Македонија, со европско знаменце.
Со Законот за јазиците, се официјализира албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија и на сите нивоа.
За најголемата опозициона партија, законот е противуставен зашто се воведува двојазичност во државата.
„Посакувам ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот за јазиците, да дојдат и да се соочат со аргументите во врска со амандманите кои се доставени и од нив и од Беса“, изјави за ТВ21 Артан Груби.