„Грижата“ на Еди Рама за соседството ја загрижува Москва

Неодамнешните изјави на албанскиот премиер Еди Рама за ситуацијата во Србија, Косово и во Македонија, би можеле да предизвикаат нови етнички конфликти на Балканот и се закануваат на територијалниот интегритет на неколку земји во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија.

„Ние посветивме внимание на изјавата на албанскиот премиер Еди Рама на 14 јануари во врска со вмешаноста на неговата Социјалистичка партија во процесот на формирање на (поранешната Ослободителна војска на Косово) ОВК и битката за Косово во соседна Србија, како и придонесот на земјата во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците во Македонија, со кој албанскиот доби статус на втор официјален јазик“, се вели во соопштението на руското МНР, цитирано од ТАСС.

Официјална Москва нагласи дека реториката на албанскиот премиер Еди Рама покажува дека тоа е напредок на „озлогласената“ Тиранска платформа, во чие создавање се вели дека бил вклучен лично Рама.

„Ставањето во пракса на мерките утврдени во овој документ е преполно со она што ги поткопува уставните темели на македонската државност – Охридскиот договор, а како резултат на тоа, носи етнички немири во регионот. Сето ова оди во согласност со амбициите за ‘Голема Албанија’ и се заканува на територијалниот интегритет на неколку земји во регионот“, велат од министерството во Москва.

Рама претходно изјави дека неговата Социјалистичка партија има најголем придонес за носењето на Законот за употреба на јазиците во Македонија, со кој албанскиот јазик стана втор официјален јазик во државните институции и во сите заедници каде живеат повеќе од 20 отсто припадници на албанското малцинство.

Рама во обраќањето на Форумот на албанските млади социјалисти изјави дека без Социјалистичката партија, усвојувањето на законот е беше незамисливо.

„Партијата не го промени својот став за националните интереси, ни во времето кога беше формирана ОВК и кога се водеше битката за Косово. Оваа партија нема да го промени својот став кога станува збор за националните интереси во односите со сите соседи“, рече Рама.